27/08/2026
КАЧУВАЊЕ НА ПРИРОДНА КАРПА
Rock Climbing, односно качување на природна карпа, е современ и поширок термин кој ги обединува различните форми на качување на природна карпа.
Оваа терминологија е резултат на долгогодишното искуство и развој на качувањето, кое произлегува од спортското качување, традиционалното качување, качувањето со опрема и качувањето на мраз.
Во рамките на UIAA, од минатата година работи меѓународна работна група посветена на Rock Climbing, која оваа година прерасна во официјална Комисија. Нејзината цел е јасно да го дефинира, развива и унапредува качувањето на природна карпа како целина, со почитување на различните стилови, традиции и принципи на безбедно и одговорно качување.
Во оваа рамка, Rock Climbing ги опфаќа следните форми:
*Спортско качување: качување на природна карпа по насоки обезбедени со експанзиони клинови, односно болтови. Тука спаѓаат насоки со една должина, таканаречени single pitch, но и насоки со повеќе должини, multi-pitch, како и болдерингот.
*Traditional climbing: качување по насоки во кои се користат традиционални, односно ковани алпинистички клинови- кај нас се водат како алпинистички насоки.
*Качување со подвижна заштита “Crag climbing”: качување при кое за обезбедување се користат подвижни средства за заштита, како френдови, чокови и друга соодветна опрема.
*Качување на мраз: качување по природни ледени формации со употреба на специјализирана опрема и техники.
Македонија е дел од оваа меѓународна Комисија на UIAA, со свој претставник кој од самиот почеток е активен член на тимот што учествуваше во поставувањето на темелите на современиот пристап кон Rock Climbing.
Во Македонија, развојот на качувањето на природна карпа го следат и Комисијата за качување на природна карпа при ФПСМ и Комисијата за качување при МСКФ. Преку нивната работа, заедно со долгогодишното искуство на инструкторите и активните качувачи од МСКФ, се придонесува кон развивање на безбедно, стручно, одговорно и етичко качување на природна карпа.
Целта е едноставна: повеќе луѓе да ја запознаат природната карпа, да уживаат во качувањето и тоа да го прават безбедно, одговорно и со почит кон природата и кон другите качувачи.
26/08/2026
07/06/2026
18/05/2026
08/05/2026
08/05/2026