21/08/2026
Влатчева - една од класиките на јужниот ѕид на Демир Капија. Насоката започнува во левиот дел на кровот над трлото кое е направено во подножјето на карпата. Најпрво се заобиколува трлото од лево и се стига до карпата. За да влезете во насоката, треба да се искачите право 3-4 метри па да траверсирате десно над кровот, каде ќе го најдете првиот кован клин од првата должина.
Првата должина следи логичен жлеб со ковани клинови, а сидриштето е позади поголемо дрво, десно од излезот на жлебот. Тежината е со оцена V+. Должина ~40/45м
Втората должина продолжува десно од сидриштето и стига до еден превисест дел каде има експанзиони клинови. Откако ќе се премине превисестиот дел, се стига до плочи каде е и тежината на насоката VI-. Се оди право по плочите и се стига второто сидриште од десна страна. Оваа должина е целосно обезбедена со експанзиони клинови, а должината е ~30м.
Третата должина продолжува по полесен терен, гребен (III) со еден превисест скок, должина приближно 30м. Оваа должина завршува над долот со сајлата (кој најчесто се користи за отстап) и има два експанзиони клинови од каде што се прави абзел (~20м).
До продолжението на насоката (означен со црвен натпис) се оди ~20 метри по патеката која води кон кутијата.
Четвртата должина оди по лесен терен кон каминот и стига до полица каде има експанзиони клинови за сидриште. III (~30м) (Има можност да се спои со петтата)
Петтата должина е импозантниот камин, со тежина V+. Најпрво движењата се во каминот, а кованите клинови се од левата страна. Во еден момент каминот се шири и движењето во него станува потешко, па насоката продолжува во левиот жлеб веднаш до него, каде што се и клиновите. По излезот од жлебот се преминува повторно преку каминот за да се стигне до сидриштето лево од големото дрво (фоја). Должина ~25м
Шестата должина повторно нуди логично движење низ жлеб и камин. Се следат ковани клинови, а на некои места има и експанзиони. На излезот од жлебот се стига до сидриште на полица, каде е и крајот на насоката и започнува карпест терен со вегетација. Тежина до V+, ~35m
#ИстражиГоЈужен